Подготовка за безбедно патување

Што ви треба за да се подготвите пред патување, за да бидете сигурни дека ќе патувате безбедно.

Ако ги подготвите следните нешта пред да патувате, веројатноста дека ќе имате безбеден одмор се зголемува.

  • Лична идентификација, како пасош или лична карта со фотографија
  • Здравствени информации, вклучувајќи информации за вакцинации, алергии/рецепти
  • Патничко осигурување во случај нешто да тргне наопаку или ако се разболите
  • Вашиот мобилен телефон, што може да биде најважната алатка за патување.

Еве како секое поединечно нешто може да ви помогне да патувате безбедно.

Безбедно патување

Лична идентификација

За да патувате во странство ќе ви треба пасош, а кога патувате во земјата најдобро е да ја носите личната карта со фотографија (photo ID). Ако немате возачка дозвола, снабдете се со лична карта со фотографија од државата во која живеете.

Здравствени информации

Секогаш кога сте далеку од дома, добро е да ги носите со себе здравствените информации, особено ако веќе ги носите со себе во секојдневниот живот.

Овие информации треба да имаат детали за:

  • секакви сериозни здравствени проблеми
  • секакви алергии
  • препишани лекови што ги примате
  • вашата крвна група.

Патничко осигурување

Патничкото осигурување ви овозможува пристап до секаков вид помош и услуги ако нешто тргне наопаку, особено кога се наоѓате во странство. Тоа може да покрива одредени здравствени трошоци, што е особено важно во земји каде здравствената нега е особено скапа.

Вашиот мобилен телефон

Вашиот телефон може да биде најзначајната алатка додека патувате. Може да ви помогне да комуницирате со други лица, дома и во странство. Исто така, складира важни документи, ви помага да се снаоѓате со апликации за мапи, ви овозможува да резервирате и потврдувате билети и многу друго.

Безбедно патување: идентификација

Вашето патување станува побезбедно кога можете да докажете кој сте со документи. Во странство можеби ќе треба да носите лична карта со фотографија со другите документи, како што е на пример, виза.

Исто така, личната карта со фотографија помага во итни случаи за да добиете правилна нега што е можно побргу.

Патување во Австралија: лична карта со фотографија

Австралиската возачка дозвола издадена од вашата држава може да се употребува речиси секаде каде што се бара лична карта со фотографија. Таа ја вклучува вашата тековна адреса и датумот на раѓање.

Ако се преселите, не заборавајте да ја посетите канцеларијата на локалната влада (на пример Service NSW или VicRoads) и да ја ажурирате адресата на возачката дозвола. Ова можете да го направите електронски во повеќето држави и територии.

Што ако немате возачка дозвола?

Ако немате возачка дозвола, можете да се пријавите за лична карта со фотографија (Photo ID card). Посетете ги канцелариите на локалната влада за да се сликате набрзина. Ќе треба да платите и мала такса, што се разликува од една до друга држава. Личната карта со фотографија ќе ви ја пратат по пошта во рок од 10 работни дена. Таа ќе го вклучува датумот на раѓање и тековната адреса.

Меѓународно патување: вашиот пасош

За да заминете од Австралија и да влезете законски во друга земја ќе ви треба важечки пасош. Постојат информации како да се пријавите за пасош на веб-страницата https://passports.gov.au.

Пасошот ја содржи вашата фотографија, како и некои безбедносни одлики што потврдуваат дека пасошот е важечки и оригинален.

Ако ви треба итна помош додека се наоѓате во странство, употребете го вашиот мобилен телефон за да ја посетите веб-страницата Smart Traveller и допрете го копчето ИТНА ПОМОШ (URGENT HELP).

Некои земји бараат да патувате со пасош чија важност истекува најмалку шест месеци подоцна од денот кога патувате. Ова правило не важи во сите земји и можете да дознаете повеќе за ова на https://smartraveller.gov.au

Електронски пасоши (ePassports) и како функционираат

Од 2005 г. сите австралиски пасош имаат вметнат компјутерски чип со вашите лични информации, дигитализирана верзија од вашата слика и бројот на документ на пасошот.

На некои аеродроми и пристаништа можете да користите електронска порта за да поминете низ пасошката контрола. Во Австралија тие се наречени Паметни порти или SmartGates.

Не треба да барате е-Пасош, бидејќи сите австралиски пасоши сега се издаваат со оваа одлика.

Како да поднесете барање за пасош

Пријавете се за австралиски пасош на https://passports.gov.au. Оваа веб-страница исто така ги содржи сите информации за типовите документи што ви требаат да за поднесете барање за австралиски пасош.

Безбедно патување: здравствени информации

Кога патувате, со вас треба да ги носите важните здравствени информации за да се заштитите и да бидете безбедни. Можете да направите една картичка и да ја пластифицирате, или пак да ги носите со вас следните информации зачувани како документ на мобилниот телефон. Важно е да носите информации за:

  • секоја болест или состојба опасна по животот
  • вашите алергии, особено на лекови како што е пеницилин
  • вашата крвна група
  • информации за препишаните лекови
  • информации за вакцини, што покажуваат дека сте ги примиле соодветните.

Вакцини за патување

Вашите редовни вакцини се доволни за да патувате низ Австралија. За да патувате во странство, можеби ќе треба да примите дополнителни вакцини, особено за болести што ги нема тука, како што се маларија или беснило.

Можете да најдете дополнителни информации за вакцинирање на страницата за здравје на веб-страницата Smart Traveller.

Како Medicare ви помага кога патувате

Кога патувате во Австралија, Medicare ќе се грижи за вас во итен случај.

Но, во странство, Medicare не ве покрива и можеби ќе треба да платите за здравствените трошоци од сопствениот џеб. Полисата за патничко осигурување вообичаено покрива здравствени сметки до неколку милиони долари.

Некои земји обезбедуваат делумно покритие со Medicare, а повеќе информации за ова можете да најдете на страницата за здравје на веб-страницата Smart Traveller.

Носење препишани лекови во странство

Некои лекови што се вообичаени во Австралија, се целосно забранети во други земји. Кога земате со себе препишани лекови во странство, не заборавајте да го земете и оригиналното пакување како доказ дека ви биле препишани. Наместо пакувањата, можете да ги земете со вас рецептите.

Сè за КОВИД-сертификатите

Кога патувате, или дури и ако се движите низ Австралија, мора да носите со вас доказ дека сте се вакцинирале против КОВИД за да го покажете ако ви го побараат.

Дигиталниот КОВИД-сертификат со 19 бројки (COVID-19 digital certificate) е важечки доказ за вакцинација со којшто можете да патувате секаде во Австралија и што можете да го покажете на екранот на вашиот паметен телефон или да го отпечатите и да го носите со вас. Можете да го генерирате сертификатот од вашата електронска сметка на Medicare.

Кога патувате во странство, ви треба Меѓународен КОВИД-сертификат за вакцинација (International COVID-19 Vaccination Certificate - ICVC). Кога поднесувате барање за ICVC од Medicare, мора да дадете детали за важечки пасош.

Правилата за КОВИД-19 за патувања се менуваат често. Освен сертификатот КОВИД-19, пред да патувате авионските компании и одредиштата може да ви бараат да покажете негативен ПЦР-тест или Рапид-тест за КОВИД-19, а некои патнички осигурителни полиси може да не покриваат трошоци поврзани со КОВИД-19. Разгледајте внимателно на smartraveller.gov.au и australia.gov.au за најновите инфомрации.

Сè за патничкото осигурување

Патничкото осигурување е специјална полиса за осигурување само за лица коишто во моментот патуваат или планираат да патуваат.

Патничкото осигурување е многу посеопфатно од редовното осигурување. За време на периодот додека патувате тоа опфаќа:

  • здравствени трошоци
  • итни заболекарски трошоци
  • загубен багаж и други лични предмети
  • финансиска загуба предизвикана од доцнења или откажувања
  • покритие за одговорност (ако на пример скршите нешто!)
  • случајна попреченост
  • животно осигурување.

Дополнителни нешта опфатени во патничкото осигурување

Добра идеја е да набавите патничко осигурување пред да заминете. Тоа може да значи дека ќе бидете покриени за какви било загуби поврзани со непредвидени откажувања на тури, сместување и превоз. Исто така, може да бидете покриени за загуби поврзани со ваша неспособност да заминете на патување заради болест.

Патничкото осигурување не покрива сè, но, не заборавајте да ја проверите полисата за исклучоци.

Како да купите патничко осигурување

Можете да го прашате туристичкиот агент за патничко осигурување, или да ги употребите веб-страниците за споредба на цени за да споредите различни опции и да купите полиса електронски. Употребете машина за пребарување на интернет како што е Google или Bing за да пребарате веб-локации за споредба на патнички осигурувања.

Ако имате кредитна картичка со годишна претплата, таа можеби веќе вклучува патничко осигурување. За да дознаете, јавете се кај издавачот на кредитната картичка и прашајте дали вашата годишна претплата вклучува патничко осигурување.

Како да го користите мобилниот телефон додека патувате

Некои од нештата за кои можете да го користите вашиот мобилен телефон додека патувате се:

  • складирање важни документи
  • покажување на дигиталните билети за летови
  • користење на мапи за локална навигација
  • резервирање транспорт и споделување превоз
  • добивање информации за локалната област
  • пристап до вашите финансиски средства
  • користење на апликација за превод
  • споделување фотографии со пријателите и семејството.

Колку е значајно податочното поврзување

Можете да ја користите вообичената сметка за мобилни податоци во странство во режимот за роаминг (roaming mode). Ова може да биде скапо, но практично е, бидејќи им овозможува на другите да контактираат со вас на вашиот австралиски телефонски број.

Кога ќе стигнете во земјата-одредиште, можете да купите SIM-картичка (SIM) и локален пакет за мобилни податоци (local mobile data plan). Ова вообичаено е поевтино, но ќе треба да ја извадите австралиската СИМ-картичка од телефонот и да ја чувате на безбедно место. Ова значи дека пријателите и семејството дома нема да можат да контактираат со вас на вообичаениот телефонски број.

Како да се потпирате врз Wi-Fi-мрежа додека патувате

Ако сакате да го избегнете трошокот за мобилни податоци, можете да го исклучите роамингот на податоци (data roaming) или мобилните податоци (mobile data) во поставките на телефонот и да се поврзете на јавната Wi-Fi мрежа во хотелот или во ресторан по потреба.

Можете да бидете во допир со други лица со преземање апликација за размена на пораки и да им праќате пораки преку Wi-Fi-мрежа.

Како да го користите облакот за пристап до информации

Можете да го користите мобилниот телефон за да пристапите до Google Drive, iCloud, Microsoft OneDrive и други услуги во облак додека патувате. Овие услуги имаат свои сопствени апликации, или можете да го користите веб-прегледувачот на вашиот телефон.

Штом имате сопствено корисничко име и лозинка, можете да пристапите до кој било документ, фотографии или видеозаписи што сте ги зачувале во вашиот облак.

Апликации за патување

Добра идеја е да пребарате во вашата продавница за апликации и да преземете корисни апликации пред да заминете. Таквите апликации се:

  • мапи. Оваа апликација веројатно е веќе инсталирана, но може да има ажурирања
  • светски часовник и апликации за временска прогноза
  • апликации за јавен транспорт за градот што го посетувате
  • апликации за споделување превоз, како што е Uber
  • апликации за превод, како на пример Google Translate.

Запомнете, кога патувате, вашиот мобилен телефон добива информации за вашата локација од мрежата на мобилни податоци со која е поврзана. На тој начин, апликациите за временска зона, часовник и временска прогноза се ажурираат автоматски.

Не заборавајте!

Мобилните телефони може да се расипат или да ви ги украдат, па затоа, секогаш треба да имате со вас отпечатени копии од најважните информации. Ова го вклучува вашиот план на патување, детали на резервиран лет, медицински информации и броеви на контакти.

Не заборавајте да го спакувате полначот и да земете адаптер за секој вид напојни точки за струја во земјите што ги посетувате.

Како да ги избегнете вообичаените патнички измами

Набројуваме шест вообичаени измами и како да ги избегнете.

  1. Измама со лажен туристички агент
    Измама: на крај му плаќате многу пари на лажниот туристички агент, но останувате без патување!
    Решение: проверете дали туристичкиот агент е веродостоен така што ќе ја посетите неговата канцеларија или деловна просторија, или пак пребарајте критики онлајн.
  2. Измама „Премногу добро за да биде вистинито“
    Измама: собата што ја резервиравте не личи на онаа што ја видовте на фотографиите на веб-страницата.
    Решение: проверете ги критиките за хотелот онлајн пред да резервирате соба, или контактирајте со туристичкиот агент.
  3. Измама со фотографија
    Измама: во добро позната туристичка локација, некој мештанин ви нуди да ве слика, а потоа ви бара пари за услугата.
    Решение: одбијте каква било понуда да ве сликаат на самиот почеток.
  4. Измама со такси
    Измама: такси-возачот почнува да ве вози кон вашето одредиште, а потоа се извинува што таксиметарот му е расипан. Ќе платите повеќе отколку што патувањето навистина чини.
    Решение: пред да влезете во возилото, побарајте да видите дали таксиметарот работи.
  5. Измама со заобиколка за шопинг
    Измама: наместо да ве однесе директно во вашето одредиште, возачот ве носи во локален пазар каде од вас се очекува да купите нешто.
    Решение: користете само претходно резервирани услуги за превоз и аеродромски автобуси.
  6. Измама со влезница за храмови/цркви/археолошки локации
    Измама: штом ќе влезете во позната археолошка локација, некој мештанин ќе ви побара да платите влезница за разгледување.
    Решение: платениот влез обично се плаќа во билетарница којашто се наоѓа на самиот влез во локацијата и таму ќе добиете влезница и сметкопотврда за плаќањето. Ако некој ви пријде и ви бара пари, игнорирајте го.